Модернизација на македонскиот аграр преку петгодишна стратегија

19.10.2017 13:37

Модернизација на македонскиот аграр може да има само преку активна соработка помеѓу академската заедница, производителите и државата. Тоа го предвидува и новата петгодишна стратегија на Министерството за земјоделство, каде што особено внимание ќе им се посвети на климатските промени.

Земјоделството е еден од најважните сектори кои во вкупниот бруто- производ учествува со 13 проценти и кој после услужната дејност и преработувачката индустрија е трет по големина во македонската економија. Овој сектор обезбедува приходи и вработување на преку 17 проценти од работната сила поради што од исклучителна важност е модернизацијата на земјоделството преку воведување на нови технологии, кои ќе овозможат производство на конкурентни производи.

„Денеска ги формираме сите стручни совети и комисии. По завршувањето на изборите го формираме на Влада на РМ, Советот за земјоделство, кој што е согласно Законот за земјоделство и рурален развој, секако ги активираме сите секторски работни групи во министерството. Тоа значи вградување на целокупниот стручен потенцијал во рамки на креирањето на политиките и стратегиите на министерството“, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

Покрај за модернизацијата на земјоделството, собирот треба да даде одговири и за тоа како во иднина земјоделците да се справат со климатските промени.

„Годината беше прилично специфична. Ние многу пати зборувавме во медиумите за она што се случуваше оваа година и ќе се случува сигурно во идниот период што е резултат на влијанието на климатските промени. Токму ова е настанот каде што можат да се споделат тие искуства, каде што експертите од регионот и повеќето земји од светот ќе разменат искуства во овој сектор. Климатските промени, нивното влијание , очекуваните и можните адаптивни мерки за заштита од влијанието на климатските промени во секторот земјоделство и храна“, изјави Вјекослав Танасковиќ, декан на Факултетот за земјодески науки и храна.

На симпозиумот ќе бидат презентирани 386 труда од сферата на научните и практичните достигнувања во областа на земјоделството и производството на храна.

 

Сашо Нелоски