Владата на Шпанија ќе решава за идните чекори во спорот со Каталонија

19.10.2017 14:41

Владата на Шпанија на вонредна седница ќе решава за идните чекори во спорот со Каталонија. Лидерот на автономниот регион Пуџдемон овој пат се закани со прогласување на апсолутна независност доколку Мадрид ја спроведе процедурата за прекин на на самоуправата на Каталонија.

Шпанија в сабота ќе почне постапка за укинување на автономијата на Каталонија откако нејзиниот лидер Карлес Пуџдемон се закани дека ќе прогласи независност. „На вонредната седница ќе бидат усвоени и проследени мерки во Сенатот за да се заштитат интересите на сите Шпанци, вклучувајќи ги и граѓаните на Каталонија, и да се воспостави уставен поредок во Каталонија“, се вели во соопштението. Како предуслов да се избегне активирањето на Членот 155 од Уставот, со кој се блокира системот на самоуправа во Каталонија, беше даден втор рок за концизен одговор од каталонските власти за тоа, дали официјално прогласиле независност или не. На првиот ултиматум, Пуџдемон одговори со барање за пролонгирање на периодот за разговори со Мадрид. На вториот реплицираше со закана за прогласување на целосна независност доколку премиерот Маријано Рахој продолжи со постапката за укинување на регионалната автономија.

„Владата изразува жалење поради ставот на каталонската влада која сака, намерно и ситематски, институционална конфронтација и покрај сериозната штета која им е нанесена на соживотот и економската структура на Каталонија. Никој не се сомнева дека шпанската влада ќе стори се што може за да го врати уставниот ред“, изјави Иниго Мендез Де Виго.

Член 155 од уставот на Шпанија од 1978 година, со кој беше воспоставена демократијата по смртта на генерал Франко, му дозволува на Мадрид да ги преземе контролата и власта во период на криза.  Мерките опфаќаат и свикување на вонредни избори.

На референдумот од први октомври, кој според Судот во Мадрид е неуставен, околу 90% од гласачите во Каталонија се изјаснија за независност. Гласањето мина со серија инциденти и насилства откако полицијата интервенираше на неколку места по наредба на централната влада. Во Барселона се организираа собири за поддршка на планот за отцепување, а во Мадрид, на контрапротест се бранеше единството на Шпанија.

 

Маја Филдишев