Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за амнестија на лицата вклучени во настаните од 27-ми април
Оттаму бараат оние кои се во притвор за собраниските настани неодложно да бидат ослободени и амнестирани. Сметаат оти со тоа ќе се релаксира политичката состојба во земјава.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе достават иницијатива за амнестија на луѓето кои беа вклучени во немилите сцени во и пред Собранието на 27-ми април, соопшти партијата. Оттаму бараат оние кои се во притвор за собраниските настани неодложно да бидат ослободени и амнестирани. Сметаат оти со тоа ќе се релаксира политичката состојба во земјава.
„ВМРО-ДПМНЕ согледува дека Македонија во континуитет веќе неколку години се наоѓа тензичната политичка ситуација која негативно се одразува во сите аспекти во општеството. ВМРО-ДПМНЕ сака да придонесе за релаксација на политичките тензии во Македонија и помирување на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ сочувствува со повредените пратеници од 27-ми април, и не се согласува со насилството, но во ситуација и услови во која од затворите се ослободуваат тешки криминалци, извршители на тешки кривични дела, трговци со дрога, оружје и многу други тешки кривични дела сметаме дека е неправедно било какво гонење на лицата учесници во немирите од 27-ми април“, изјави Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
