Во Солун уапсени Грујевски и Бошкоски

19.10.2017 15:41

Грчката полиција го потврди апсењето на Горан Грујевски и на Никола Бошкоски во Солун. Двајцата беа барани преку Интерпол. Обвинети се во предметите „Таргет-Тврдина“. Министерството за правда чека да добие известување за да ја отпочне постапката за нивна екстрадиција во Македонија...

Грчката полиција потврди дека во Солун ги  уапсила поранешните вработени во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Македонската полиција ги бараше со меѓународна потерница за обвиненија поврзани со нелегалното прислушување.

Од 18-ти јули, кога Апелацискиот суд им изрече мерка притвор, тие беа недостапни за македонската полицијата. Грујевски и Бошкоски биле уапсени на солунскиот аеродром со лажни бугарски документи. Според информациите, веднаш биле изведени и пред истражен судија.

Од МВР, пак, чекаат официјална потврда од грчкото МВР, за апсењето. Министерството за правда сѐ уште официјално нема добиено барање за екстрадиција на осомничените Горан Грујевски и Никола Бошкоски. Оттаму велат дека постапката ќе почне откако официјално ќе го добијат известувањето од Интерпол за апсењето.

Горан Грујевски и  Никола Бошковски се обвинети во предметот „Тврдина- Таргет“, што се однесува на незаконското следење на комуникациите преку злоупотреба на системите во МВР и за физичко уништување на дел од опремата со која било сторено кривичното дело.

Постапките се отворени и тие треба да го дадат одговорот кој им овозможил бегство на Грујевски и на Бошковски, изјави неодамна министерот за внатрешни работи Спасовски.

 

Игор Панов