Брегзит, Северна Кореја, Турција во фокус на самитот во Брисел

19.10.2017 16:01

Лидерите на Европската унија на самит во Брисел. Дискутираат за односите со Турција, за Северна Кореја, за Брегзит. Во фокусот финансиските потреби за запирањето на приливот на илегалните мигранти од Африка. На маса прашањата за дигитална Европа, безбедноста и одбраната...

Брегзит, Северна Кореја, нуклеарната програма на Иран и односите со Турција се главните поенти за кои во Брисел дискутираат шефовите на државите и владите на 28-те земји членки на ЕУ. Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини информираше дека во понеделникот министрите за надворешни работи на ЕУ усвоиле поригорозни санкции за Северна Кореја.

„Ова се најсилните санкции кои ЕУ ги спровела во светот воопшто. Очекуваме притисокот врз Пјонгјанг да доведе до мирни преговори и стабилизација на состојбите на Корејскиот полуостров. Исто така, ќе разговараме и за Иранската нуклеарна програма, како што можевте да видите 28 држави- членки преку своите министри за надворешни работи, пренесоа силна и јасна порака. Целосна посветеност на запирањето на Иранската нуклеарна програма, тоа е клучно за безбедноста на Европската унија и регионот“, нагласи Могерини.

Премиерката на Обединетото Кралство, Тереза Меј истакна дека е фокусирана на стратегијата за Брегзит која треба да се спроведува од март 2019-та.

„На овој самит ќе разговараме за предизвиците кои сите ги делиме во цела Европа, пред сѐ мислам на партнерството кое планираме заедно да го градиме. Секако ќе разговараме и за конкретниот напредок кој го направивме во процесот на нашето излегување од ЕУ“, изјави Меј.

На Самитот ќе стане збор и за односите меѓу Европската унија и Турција. По предлог на Берлин, се очекува и предлог за евентуално намалување на предпристапната помош за Турција. Шефовите на државите и владите на ЕУ ќе дискутираат и за миграцијата, со посебен акцент на финансиските потреби за запирање на приливот на мигрантите од Африка.

Секако, и Каталонија е во средиштето на билатералните и мулатилатералните средби. Хрватскиот премиер Пленковиќ ја исклучи можноста независноста на шпанската покраина воопшто да се споредува со осамостојувањето на бившите Југословенски републики.

 

Марина Стојанова- Тонева