Локални избори 2017

ДИК расправа за приговорите

19.10.2017 16:09

Државната изборна комисија на седница расправа по поднесените приговори за изборниот процес. Најголемиот дел се од ВМРО-ДПМНЕ, но има и од партиите ТМРО, Алијансата за Албанците и од Левица. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека имало низа неправилности за време на изборите. Сепак, повлекоа три од поднесени 43 приговори...

Државната изборна комисија го почна маратонот на разгледување на приговорите поднесени за првиот круг од локалните избори. Со ждрепка првите три што се разгледуваат се поднесени од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Два комисијата одби, како неосновани. Овластените претставници на ВМРО-ДПМНЕ со генерална оценка дека првиот круг поминал со низа нерегуларности.

На едно избирачко место во Центар гласач не се потпишал во избирачкиот список, а гласал, во избирачко место во Ѓорче Петров во кочанот со ливчињата за градоначалник биле најдени 22 за Советот, но 10 веќе биле употребени при гласањето, беше посочено во забелешките. Членовите на ДИК секој со свое видување дали треба или не да се поништи гласањето. Не изостанаа и препукувањата меѓу членовите на комисијата.

ВМРО-ДПМНЕ во законскиот рок поднесе 43 приговори, но три ги повлече пред почетокот на седницата. ДИК треба да ги разгледа и приговорите поднесени од Алијансата на Албанците, ТМРО и на Левица.

 

Миле Ристески