Вардар против Реал Сосиедад во Лига Европа, шпански навивачи во Скопје

19.10.2017 16:23

Црвено- црните имаат една голема желба- да освојат бодови во вечерашниот меч. Би биле историски во дебитантската сезона на големата европска сцена. Ќе успее ли Вардар со Реал Сосиедад? Шпанската ескадрила ќе го обои „Филип Втори“ и во сино-бела боја. Стотици фанови пристигнаа во Скопје. Јадат македонски специјалитети, се фотографираат покрај Вардар. Главниот град повторно во спортска еуфорија...

Долгиот лет до Скопје не ги измори Шпанците, добија мотив плус, уште посилно да навиваат за својот клуб. Навивачите на Реал Сосиедад славјето го почнаа неколку часа пред стартот на мечот со Вардар. Видно расположени ги пееја своите препознатливи песни и наздравија со чаша пиво. Прогнозираа голема победа во натпреварот со Вардар. Велат- во Скопје се чуствуваме како дома, размислуваме да останеме уште некој ден повеќе.

„Околу 300 навивачи дојдовме во Скопје и победата на Реал е сигурна.“

„Дојдовме од Братислава и ќе останеме уште пет дена. Ќе одиме на мечот и верувам дека ќе победиме. Ми се допаѓа Скопје и луѓето тука.“

„Луѓето се убави, градот е убав и пивото е евтино, дојдовме да навиваме и верувам ќе победиме.“

„Многу сме возбудени и едвај чекаме да почне натпреварот“- велат дел од навивачите за МТВ.

Дали ќе се оствари прогнозата на навивачите останува да видиме вечер. Фудбалскиот натпревар Вардар- Реал Сосиедад ексклузивно на МТВ со почеток во 19 часот.

 

Викторија Милевска