Бошњаковски: Владата очекува почитување на меѓународните договори за екстрадиција
Апелацискиот суд во Солун треба да одлучи дали двајцата поранешни вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање ќе им бидат испорачани на македонските власти. Грчките власти, пак, веќе одредиле притвор за приведените. Очекуваме почитување на меѓународните договори- велат во македонската Влада...

Македонската Влада очекува Грција да ги естрадира поранешните вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање, Горан Грујевски и Никола Бошкоски, коишто беа уапсени во Солун. Двајцата се обвинети во предметот „Таргет- Тврдина“, за уништување на опремата за прислушување.
„Прво, би сакал да Ве упатам до Министерството за правда кое е надлежно за екстрадицијата и ја води постапката. Второ, очекувањата се дека ќе се испочитуваат сите меѓународни договори и меѓународни стандарди во вакви случаи и целата постапка ќе биде завршена во рамки на реалните рокови за вакви постапки“, изјави владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.
Грујевски и Бошкоски дале изјави пред истражен судија во Солун за обидот да ја напуштат Грција со фалсификувани бугарски пасоши- соопштија од тамошната полиција. Тие ги отфрлиле обвинувањата како политички мотивирани и побарале да не бидат екстрадирани во Македонија, и навеле оти се плашат за своите животи.
МВР било известено од Интерпол- Атина за апсењето на двајцата македонски државјани, по што е информацијата е пренесена до Министерството за правда за да почне постапката за екстрадиција. Грчките власти одредиле 40- дневен притвор и треба да се изјаснат дали и кога ќе почне екстрадицијата.
Ирина Гелевска
