Шпанија утре ја укинува автономијата на Каталонија
Европските лидери нема да посредуваат во спорот меѓу Шпанија и Каталонија. Шпанската влада постигна договор со опозиската Социјалистичка работничка партија за одржување регионални избори во Каталонија во јануари 2018-та година, како дел од пакетот мерки за воспоставување директна контрола над овој регион.

Шпанската влада постигна договор со опозиската Социјалистичка работничка партија да се одржат регионални избори во Каталонија во јануари 2018 година, како дел од пакетот мерки за воспоставување директна контрола над овој регион. Шпанската влада вчера соопшти дека ќе го активира членот 155 од Уставот кој се однесува на автономијата на Каталонија, со цел да се сузбие инсистирањето на каталонската влада на независност.
Шпанскиот премиер Маријано Рахој утре ќе одржи вонредна средба со министрите за активирање на овој член, со кој се дозволува централната власт да ја презеде контролата над која било од 17 автономни покраини, доколку некоја од нив не се однесува во согласност со шпанскиот Устав. За првпат во 40 години демократија, Барселона би можела да потпадне под дирекна управа на Мадрид.
Членот 155 не е прецизиран, но во теорија му овозможува на Мадрид да ја преземе регионалната администрација и да постави нови функционери, да ја преземе на контролата над финансиите и полицијата и да свика предвремени избори. Шпанската влада соопшти дека нема намера апсолутно да ја укине автономијата на Каталонија, туку да спроведе специфични мерки со цел покраината да го почитува шпанскиот закон.
Каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон, пак, се соочува со притисок во сопствената коалиција веднаш да прогласи независност. За утре се најавени нови масовни протести во Каталонија на кои ќе се бара „ослободување на политичките затвореници“. Во меѓувреме каталонскиот Национален совет ги повика своите приврзаници да ги повлечат своите финансиски средства од пет големи шпански банки.
Европските лидери ја отфрлија можноста ЕУ да посредува во спорот меѓу Шпанија и Каталонија. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск на маргините на Самитот на унијата во Брисел изјави дека „нема место за какво било посредување, ниту за меѓународни иницијативи и акции“. Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, пак изјави дека никој во ЕУ нема да ја признае Каталонија како суверена држава.
Марина Ристова
