ДИК

Одбиени сите приговори за изборите

20.10.2017 14:24

Сите поднесени приговори за локалните избори се одбиени од Државната изборна комисија. Седницата на ДИК завршила изутрината. До Комисијата беа поднесени вкупно 46 приговори, од кои 43 од ВМРО-ДПМНЕ, еден од ТМРО, од Алијансата за Албанците и од Левица. Против оваа одлука се поднесува тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да донесе одлука по жалбата во рок од 48 часа...

По безмалку 20 часа, ДИК ги разгледа поднесените приговори. Сите ги отфрли како неосновани. Од вкупно 46, осум приговори повлече ВМРО-ДПМНЕ, а како неуредно поднесени Комисијата ги отфрли приговорите поднесени од Левица, Алијанса на Албанците и на ТМРО.

„Во моментов во тек е изготвување на решенијата по приговорите, истите ќе бидат доставени до подносителите на приговорите и по уредната достава, тие имаат рок од 24 часа да поснесат тужба до Управниот суд. Управниот суд, пак, одлучува по овие тужби во рок од 48 часа од нивното добивање. Со целото поместување, сепак останува фактот дека во понеделник можеме да излеземе со конечните резултати од првиот круг на гласањето“, изјави портпаролот на ДИК, Љупка Гугучевска.

Решенијата за одбиените приговори ДИК ќе ги испрати до овластените подносители по електронска пошта, а доставата ќе се смета за уредна 5 часа од испраќањето. Седницата на која се разгледуваа приговорите мина во тензична атмосфера. Членовите, секој со свој аргумент настапуваа дали треба или не да се поништи гласањето во одредено гласачко место. Беа повикувани и членови на избирачки одбори и на општински комисии.

Според првичните резултати, во 46 општини уште во првиот круг беа избрани новите градоначалници. Во вториот круг што ќе се одржи на 29-ти октомври, ќе се гласа во 35 општини.

 

Миле Ристески