Светска банка: Корекција и намалување на растот за Македонија

20.10.2017 15:45

Македонската економија годинава ќе испорача раст од 1,5 проценти. Светска банка со надолна корекција во октомвриската проекција, откако во април ни прогнозираше позитива од 2,8 отсто. Главна причина- политичката криза...

Растот на македонската економија годинава забави поради политичката нестабилност во првото полугодие и ќе достигне 1,5 наместо очекуваните 2,8%, се вели во октомвриската прогноза на Светска банка. За в година растот на нашиот БДП би достигнал 3,2%, односно 3,9% во 2019-та.

Во извештајот „Миграцијата и мобилноста“ тимот на банката од Вашингтон појаснува дека како главни двигатели на растот ги смета потрошувачката, придвижена од зголеменото вработување и инвестициите. Буџетскиот дефицит би достигнал до 3% од БДП, а Светска банка очекува негово намалување до 2,2% до 2019-та.

За земјите од Западен Балкан, вашингтонските банкари предвидуваат за годинава во просек раст од 2,8%, а за наредната 3,2%. Највисок раст се очекува од Црна Гора и од Косово 4,2%, односно 4,1%. За Албанија се предвидува раст од 3,6%. Економијата на БиХ ќе порасне за 3%, а на Хрватска 2,9% и Србија 2,3%.

Економскиот раст на регионот на Европа и Централна Азија охрабрува, и годинава ќе достигне 2,2%, што според главниот економист Ханс Тимер е најсилен раст од 2011-та и ја надмина мајската прогноза за 0,3 процентни поени.

„Растот во Европа и Централна Азија е резултат на посилното индустриско производство и поголем извоз во последните месеци, повлекувајќи ги повеќето земји во регионот од рецесија“, изјави Ханс Тимер, главен економист за Европа и Централна Азија на Светска банка.

Истовремено Тимер предупредува на ризик, новите технологии кои обезбедуваат нови можности за раст носат пофлексибилни договори за работна сила и поголема несигурност.

Свето Николовски