Заев: Еднаквост меѓу граѓаните и во квалитетот на живот

20.10.2017 16:21

Партиите ја продолжија изборната кампања за вториот круг од локалните избори. СДСМ вечер е на средби со жители на Гостивар. Од скопските општини Шуто Оризари и Бутел порачаа- само сплотени, без разлика на етничката припадност, можеме да одиме напред.

Еднаквост меѓу граѓаните треба да постои и во квалитетот на живот. Не може во главниот град  да се истураат милиони евра, а овде во Шуто Оризари да зборуваме за асфалт, вода, канализација, за детска градинка. Во оваа населба, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев, во 21 век се уште зборуваме за улично осветлување.

На средбата со граѓаните, Заев обзнани и дека е потпишан договор со ДУИ за поддршка на кандидатот за градоначалник од редот на СДСМ, Курто Дудуш, со што како што оцени, победата во Шуто Оризари е извесна. Заев најави дека жителите од ромската населба ќе добијат градинка каква што заслужуваат и ќе се подобрат условите за работа на пазарот во општината.

Македонија е еднаква, сплотена, здружена. Луѓето од сите етнички заедници- и Македонци и Албанци и Турци и Роми, само сплотени можат да одат напред, рече Заев пред присутните поддржувачи во скопското село Љуботен. Побара поддршка за коалицијата што ја предводи. Во Македонија ќе има живот за сите- рече Заев.

Кандидатот за градоначалник на Бутел, Велимир Смилевски, ако ја добие довербата на изборите закажани за 29-ти октомври, ветува дека ќе го уреди коритото на реката Серава. Зошто, прашува Смилевски, и по 12 години се уште не е изградена пешачка и велосипедска патека за која преходната власт најави план за етапно уредување. Смилевски најавува изградба на два пешачки моста, поставување на клупи и канти за отпадоци.

Плановите на Смилевски се Бутел да ја направи отворена општина, која ќе има услужна администрација, а вратите од градоначалничкиот кабинет ќе бидат отворени за сите граѓани. Капиталните проекти, рече кандидатот за градоначалник, ќе ги реализира со помош на советниците и неговиот тим, со цел Бутел да биде поубаво место за живеење.

Анита Димитријевска