Конститутивна седница на новиот состав на германскиот Бундестаг
Ултрадесничарите од партијата „Алтернатива за Германија“ добија канцеларии во нацистичка зграда. Како трета политичка сила во Германија, членовите на АФД се присутни на првата седница на Бундестагот. Волфганг Шојбле е главен кандидат за нов претседател. Нивните опоненти излегоа на протести...

Новоизбраните пратеници од либералната Партија на слободни демократи (ФДП) и екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) добија канцеларски простор во поранешно седиште на нацистичкото Министерство за внатрешни работи. Причина е зголемениот број пратеници во Бундестагот, кој сега изнесува 709, од кои 92 се од редовите на крајната десница.
Претходно, таму биле сместени околу 30 пратеници на конзервативниот состав од демохристијаните на канцеларката Ангела Меркел. Зградата се користела и како седиште на Министерството за правосудство на Комунистичката партија на Источна Германија, а свастиките кои биле замаскирани до 1988 година, биле повторно откриени при реновирањето.
Пред првата седница на новоизбраното парламентарно собрание, илјадници луѓе излегоа на протест против омразата и дискриминацијата.
„Се собравме зашто сме против партијата „Алтернатива за Германија“. Не сакаме да им се зголемува моќта.“
„Не ми е нормално во 2017 година, една антидемократска партија да биде дел од германскиот парламент. Сакам да му бидам пример на синот за антирасистичка политика.“
„Овој народ ја сака Европа. Политиката треба да се базира на солидарност.“
По последните избори во Германија, „Алтернатива за Германија“ прерасна во трета политичка сила во земјата.
Поради жестоката реторика и радикалните ставови, за нов претседател на парламентот се очекува да биде избран министерот за финансии во заминување Волфганг Шојбле, политичарот со најдолг пратенички стаж, кој би можел да им се спротивстави на новите членови доколку се обидат да манипулираат со парламентарните правила.
Маја Филдишев
