СИАРС- Современ систем за спасување војници на бојно поле
Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ покрај наставната дејност, се вклучува и во научноистражувачки проекти. Во финална фаза е проектот СИАРС- современ медицински информатички систем. Со него значително се подобруваат можностите за спасување на војниците на бојното поле, но ќе помогне и во планирањето на евакуација и минимизирање на ризиците и транспортот.

Истражувачи од Македонија и од Словенија партнерски развиваат систем за мерење на виталните знаци на живот кај војниците и вип личностите додека се наоѓаат на ризичен терен. Преку посебен алогоритам, системот кој е инсталиран на секој војник, го пресметува степенот на ризик по неговото здравје и податоците ги пренесува до тактичкиот оперативен центар кој директно ќе има увид во нивната моментална здравствена состојба.
„НАТО исто така не оцени нас на една претходна вежба што беше одржана во Тузла, со многу високи оценки кои го покажуваат нашиот придонес и резултатите кои се очекувани од проектот“, изјави Југослав Ачкоски, директор на проектот.
„Република Македонија може да го искористи членството во НАТО за да биде побезбедна и попросперитетна, но исто така може нешто и да и понуди на НАТО Алијансата, а тоа се добри идеи, добра реализација, добри проекти, технолошки софистицирани решенија“, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Овој систем, велат учесниците во проектот, ќе придонесе навреме да се организира соодветна евакуација и директно ќе влијае на спасување на животите на војниците.
„Треба да се разбере суштината на НАТО. Тоа не е организација која исклучиво се занимава со одбрана на територијата на земјите членки. НАТО се грижи и за безбедноста на луѓето, војниците, за нивните животи и здравствената состојба. Постојат повеќе од 350 комитети на НАТО и тие не се занимаваат само со безбедност туку и со наука, медицина, образование и стипендии“, вели Милан Јазбец, амбасадор на Република Словенија во Македонија.
Во работилницата што ја организира скопската воена академија учествуваат медицински и електрофакултети од Скопје и од Љубљана.
Анита Димитријевска
