Кривичниот суд постапува по барањето за екстрадиција на Грујевски и Бошкоски
Од судот информираат дека Кривичен совет од одделението за организиран криминал работи на барањето кое преку Aпелација пристигна од Министерството за правда.

Поранешните вработени во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошкоски изведени пред Судот во Солун за поседување фалсификувани бугарски пасоши. Скопскиот Кривичен суд пак постапува по барањето за нивна екстрадиција. Од судот информираат дека Кривичен совет од одделението за организиран криминал работи на барањето кое преку Aпелација пристигна од Министерството за правда.
Од Министерството за правда пренесуваат дека надлежниот суд треба да ја собере целата документација за отпочнување на постапката и посочија дека ќе се постапува по домашната законска регулатива и меѓународните конвенции за екстрадиција.
Грујевски и Бошкоски се обвинети во предметот „Таргет- Тврдина“ поради незаконско прислушување кое според Специјалното јавно обвинителство траело од 2009-та до 2015-та година. Двајцата изминатата среда беа уапсени на солунскиот аеродром, по распишаната меѓународна потерница.
Пред обвинителот, Грујевски и Бошкоски барале да не бидат екстрадирани во Македонија, бидејќи стравувале за своите животи. МВР тврди дека во државава имале помагачи, за што е отворена истрага.
