Андонов: СДС ја користи полицијата како алатка за реализација на партиски цели
Владата со противзаконска употреба на полицијата врши напад врз демократијата и слободната мисла, изјави Андонов.

СДС скандалозно ја користи полицијата како алатка за реализација на партиски цели, тврдат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Владата со противзаконска употреба на полицијата врши напад врз демократијата и слободната мисла, велат од партијата.
Министерството за внатрешни работи јавно призна дека го прислушкува врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Поради тоа Република Македонија е единствена земја каде власта смета дека е легално да се прислушкува раководството на опозицијата. Притоа, формално оправдување на СДС изнесено преку МВР е дека за оваа недемократска и противзаконита постапка се има одобрение од Јавното обвинителство, кое упорно се употребува како алатка за притисок врз ВМРО-ДПМНЕ и воопшто врз граѓаните на Република Македонија, изјави Оливер Андонов од ВМРО-ДПМНЕ.
Иако претходно директорот на УБК во интервју на национална телевизија изјави дека МВР повеќе не врши прислушување на комуникациите, само по еден месец МВР ја демантира оваа изјави и призна дека ја прислушкува опозицијата, рече Андонов.
