Волфганг Шојбле - нов претседател на Бундестагот

24.10.2017 14:24

Новоизбраните пратеници од Либералната партија на слободните демократи и ултрадесничарската Алтернатива за Германија, добија канцеларии во зградата на поранешното седиште на нацистичкото министерство за внатрешни работи. Волфганг Шојбле е новиот претседател на Бундестагот...

Со 501 глас „за“, и 173 „против“, пратениците од Бундестагот го избраа Волфганг Шојбле за претседател на Долниот дом на Парламентот. Министерот за финансии во заминување и водечкиот политичар од Демохристијаните на канцеларката Ангела Меркел е пратеник со најдолг стаж и исклучително влијание.

Еден од главните предизвици за Шојбле ќе бидат соочувањата со ултрадесничарите од „Алтернатива за Германија“, кои се третата политичка сила во земјата, и првата ваква формација во Бундестагот по Втората светска војна.

Од 709 пратенички места, ним им припаѓаат 92. Водат антимигрантска, евроскептична и популистичка политика. Во својата програма, меѓу другото, предлагаат забрана за изградба на џамии, носење бурки во јавност, отфрлање на еврото и построги мерки за бегалците.

Пред првата седница на новоизбраното парламентарно собрание, илјадници луѓе излегоа на протест против омразата и дискриминацијата.

„Се собравме зашто сме против партијата „Алтернатива за Германија“. Не сакаме да им се зголемува моќта.“

„Не ми е нормално во 2017 година, една антидемократска партија да биде дел од германскиот парламент. Сакам да му бидам пример на синот за антирасистичка политика.“

„Овој народ ја сака Европа. Политиката треба да се базира на солидарност.“

Крајната десница, заедно со либералната Партија на слободни демократи ќе бидат сместени во поранешно седиште на нацистичкото Министерство за внатрешни работи. Претходно, таму биле сместени и пратеници на конзервативниот состав од демохристијаните. Зградата се користела и како седиште на Министерството за правосудство на Комунистичката партија на Источна Германија.

Во објектот се зачувани нацистичките симболи, а свастиките кои биле замаскирани до 1988 година, биле повторно откриени при реновирањето.

 

Маја Филдишев