Груевски: ВМРО-ДПМНЕ секогаш ќе биде заштитник на интересите на граѓаните на Македонија

24.10.2017 16:14

„ВМРО-ДПМНЕ ќе го продолжи трендот на носење инвестиции за отворање нови работни места“- ветување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски пред Штипјани. Рече дека неговата партија и во добро и во лошо ќе биде заштитник на интересите на државата.

„ВМРО-ДПМНЕ секогаш, и во добро и во лошо ќе биде заштитник на интересите на македонскиот народ и на граѓаните на Република Македонија“- порача лидерот на партијата, Никола Груевски на средбите со жителите на штипските населби, Три Чешми и Баби. Рече дека за неколку месеци од кога СДСМ е на власт, сиромаштијата расте, а државата е на колена, но тоа не ја спречило власта да склучи штетен договор со Бугарија.

„Видовме дека СДСМ нема ниту проекти, ниту сериозна програма, па затоа зборуваат за воздух, магла и за ветер“, вели Груевски и додаде- не можат да не победат со работа, па удрија на криминални избори.

Груевски рече дека ќе го продолжат трендот на носење инвестиции за отворање нови работни места. Вети дека со програмата на кандидатот за градоначалник на Штип, Илчо Захариев ќе се обезбеди здрав и бесплатен оброк за учениците, ќе бидат обезбедени можности за стекнување на сопствен дом.

„Нудиме концепт во кој нема да има неасфалтирана и неосветлена улица и во секое маало ќе има парк“, вели Груевски. Најави проекти за подобрување на патната инфраструктура и изградба и реконструкција на локални патишта. За приградските населби рече дека ќе се поврзат со градскиот водоводен систем и ќе се овозможи граѓаните да пијат чиста и исправна вода.

Захариев со ветување дека ќе го направи Штип најмодерен град во Македонија. Рече дека е во постојана комуникација со граѓаните со кои разговара за приоритетите во градот и околните населени места.

Кандидатот за градоначалник на Карбинци, Зоран Минов вети дека по барање на потенцијални инвеститори општината ќе изврши урбанизација на нови локации за индустриски зони, пред се за лесна и незагадувачка индустрија.

Кандидатите за градоначалници и партискиот лидер на средбите посочија дека програмата за локалните избори ги содржи сите проекти кои се темелат на идеи на самите граѓани.

 

Наташа Гркова- Петрушевска