ДУИ на средби со жителите на Чегране

24.10.2017 16:15

ДУИ ветува чиста вода и решавање на проблемот со депониите во Гостивар и околните места. Лидерот на партијата, Али Ахмети побара поддршка за нов мандат за Невзат Бејта.

Демократската унија за интеграција на средби со граѓаните на Чегране ја претставија програмата за локалните избори. Лидерот на партијата Али Ахмети ја побара поддршката за нов мандат на кандидатот за градоначалник невзат Бејта и рече дека зад неговите проекти стојат извршната власт, пратеничката група и тој лично. Ги обвини политичките опоненти дека се служат со клевети и лажни вести.

„Тие им се потсмеваат на сите кои се занимаваат со политика, користејќи се со лаги и клевети. Јас не опстоив толку време во политиката со лаги и со поделби на Албанците. Ајде да заборуваат за нас дека не сме ги создале најдобрите работни места и услови за живот, да зборуваат за она што не сме го направиле, но не ги прифаќам обвинувањата со лаги и клевети“, рече Ахмети.

Чегране и натаму останува приоритет за идни инестиции, вака кандидатот за градоначалник на Гостивар Бејта ја презентираше програмата пред граѓаните.

„Ве уверувам дека новата влада ќе го реши проблемот со регионалната депонија за една година. Така ќе се отстранат и дивите депонии што ги имаме во вашето Чегране. Како главен проект кој го вклучува Чегране е проектот „Вода за Гостивар“. За оваа намена обезбедивме 9,2 милиона франци од Швајцарската влада. Со проектот, Чегране ќе се снабдува со вода за пиење од изворот на реката Вардар. Со плановите за „Утрешниот Гостивар“, предвидовме и слободни економски зони, една фабрика ќе има и во Чегране. Планирано е компанијата „ПРГ Англија“ која веќе има отворено една фабрика во Балиндол, таква да има и во Чегране. Инвестицијата е над 15 милиони евра“, рече Бејта, додавајќи дека Чегране е опфатено со генералниот урбанистички план и градењето ќе продолжи со издавање градежни дозволи.

Бејта во Чегране вети изградба на спортска сала и детски игралишта, спортски терени, уредување на двете училишни згради со услови за престој на претшколски деца, канализација и довршување на повеќе улици низ селото. ДУИ одржа средба и со граѓаните на Желино.

Викторија Милевска