Заев: Имаме намера внимателно да ги слушаме граѓаните и да бидеме нивен сервис
„Имаме намера внимателно да ги слушаме граѓаните и да бидеме нивен сервис“- лидерот на СДСМ, Зоран Заев на средбите со жителите на Кисела Вода вети сите политики што ќе ги водат ќе имаат за цел да ги намалат вкупните трошоци на секое семејство. Карванот помина и во Македонски Брод.

Нови работни места во општина Кисела Вода преку развој на стопанството и отворање нови фабрики за вработување пред сѐ, на младите луѓе, најави претседателот на Социјал- демократскиот сојуз Зоран Заев, на форумот со граѓани во Драчево. Нови детски градинки, реконструкција на постојните, нови спортски објекти, спортски клубови, безбедни улици и тротоари, здрава вода за пиење, канализациска мрежа, зелени површини и улично осветлување,тоа е животот за кој се бориме рече лидерот на сдсм. Најави дека овие дебати ќе бидат практика за локалната и за централната власт.
„Имаме намера внимателно да ги слушаме граѓаните и да бидеме нивен сервис“, рече претседателот Заев. Вети дека сите политики што ќе ги води Социјал-демократскиот сојуз ќе имаат за цел да ги намалат вкупните трошоци на секое семејство, а ќе се изнаоѓаат и начини во секое домаќинство да има повеќе пари.
Кандидатот на СДСМ и коалицијата за градоначалник на општина Кисела Вода, Филип Темелковски рече дека локалната самоуправа мора да работи на безбедноста во општината. Најави поставување на црвени зони за движење покрај секој јавен објект со што ќе се регулира движењето на возилата и просторот за велосипедистите. Темелковски најави решавање на инфраструктурниот хаос и проблемот со нелегализираните објекти што ги имаат граѓаните.
Социјал-демократскиот сојуз се претстави и пред граѓаните во Македонски Брод. Учесниците во партискиот карван рекоа дека првата главна задача е Македонски Брод да се поврзе со главниот град, да се изгради современ регионален пат по сите стандарди што треба да отвори сериозни перспективи за нови инвестиции, фабрики, производствени погони каде што ќе работат младите генерации за достоинствени плати.
Покрај Драчево и Македонски Брод, Социјал-демократскиот сојуз и коалицијата за „Живот во Македонија“ се сретнаа и со жителите на општина Гази Баба во Црешево, а остварија и средби со жителите на општина Старо Нагоричане, Долнени. Ја побараа поддршката од граѓаните и ја претставија програмата за наредните четири години.
Ана Јосифоска- Тодоровска
