Кина

Џинпинг со нов мандат

25.10.2017 12:35

Си Џинпинг е повторно избран за лидер на Комунистичката партија на Кина. Назначени се и постојаните членови на Политбирото, но не и наследникот на претседателот Џинпинг. На прогласувањето не учествуваа неколку светски новински агенции, меѓу кои и БИ-БИ-СИ, Фајненшал тајмс и Њујорк тајмс…

Си Џинпинг доби нов петгодишен мандат како генерален секретар на Комунистичката партија на Кина. Годинашниот самит ја прекрши традицијата за избор на негов наследник поради што се прогнозира дека Џинпинг ќе продолжи да владее и по 2022 година. Централниот комитет избра уште пет постојани членови на Политбирото, највисока инстанца на власта во Кина.

„Ова го сфаќам не само како признание на мојата работа, туку и како охрабрување кое ќе ме поттикне да одам напред. Нашата партија ќе ги води жителите од сите етнички групи за да се борат за остварување на целите кои се утврдени на 19-тиот национален конгрес на Комунистичката партија на Кина“, изјави Џинпинг.

Едногласната одлука на делегатите да ја вметнат во уставот иделогоијата наречена „Мислата на Си Џинпинг“ значително ја засилува политичката контрола на лидерот. 14-те главни принципи, меѓу другото, опфаќаат повик за целосна реформа и развој на нови идеи, подобра заштита на животната средина,  како и идејата за „една земја, две партии“ и повторно обединување со Хонгконг и Тајван. Отсуството на некои странски медиуми на последниот самит е резултат на кинеската политика за контрола на известувањето дома и во странство.

64-годишниот Џинпинг е на власт од 2012 година. Во првиот мандат, постигна значителен развој, модернизација и зацврстување на позицијата на светската сцена, но и ги зголеми авторитарноста, цензурата и непочитувањето на човековите права. Во кампањата за антикорупција беа казнети над милиони официјални претставници. Догодина во март ќе добие нов мандат како претседател на Кина.

 

Маја Филдишев