Димитров- Пацоли: Интензивирање на политичката и економската соработка

25.10.2017 12:54

Македонија и Косово ќе ја зголемуваат економската соработка, со вложување во заеднички компании за транспорт и градба, како и во нова безцаринска зона на границата меѓу двете земји, најавија меѓудругото шефовите на дипломатиите Димитров и Пацоли на средбата во Скопје.

Ќе направиме сѐ што можеме да ја отстраниме дополнителната мерка за визната либерализација, според која македонските државјани од 2020-та ќе мора да се најавуваат преку интернет и да плаќаат за влез во Европската унија, изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров.

„Јас ќе разговарам со сите мои колеги од регионот, да најдеме начин да укажеме дека дополнителни обременувања на таа слобода на движење не се корисни, и се надеавам дека ќе наидеме на разбирање и некаков заеднички јазик“, рече шефот на дипломатијата, Никола Димитров.

Косовскиот министер за надворешни работи, Беџет Пацоли на средбата со македонскиот колега во Скопје го поздравил тоа што ѓраганите од двете соседни земји можат да ја преминуваат границата со лични карти, но побара и поголема слобода на движењето во иднина.

„Еден ден да постигнеме да имаме целосно слободно движење на луѓето, можеби рано е да се каже, но зошто да не, ги охрабрувам луѓето да говорат за ова, ние меѓу нашите земји да се движиме и без лични карти“, истакна министерот за надворешни на Косово, Беџет Пацоли.

Македонија и Косово ќе ја зголемуваат економската соработка, со вложување во заеднички компании за транспорт и градба, и во нова бесцаринска зона на границата меѓу двете држави.

Во однос на членството на Косово во УНЕСКО, министерот Димитров истакна дека Македонија ќе се раководи од нејзините интереси.

 

Ирина Гелевска