Заев- Пацоли: Македонија и Косово немаат отворени прашања
На средбата се разговарало за конкретни области во коишто ќе се интензивира соработката помеѓу Македонија и Косово- економијата, енергетиката, инфраструктурата, царински олеснувања...

Република Македонија и Република Косово немаат отворени билатерални прашања, што отвора големи можности за унапредување на односите помеѓу двете држави. Ова е констатирано на средбата на премиерот Заев со министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, кој е во работна посета на земјава.
Владата на Република Македонија е определена Македонија да гради добри односи со Република Косово, како и со сите соседи и со тоа активно да придонесе кон иднината на целиот регион на Западен Балкан, во Европската унија и во НАТО. Имаме потенцијал, како две нови влади коишто мислат добро за своите граѓани и своите држави, да направиме исчекори во евроинтеграциските процеси, оцени премиерот Заев, соопшти владината прес- служба.
На средбата се разговарало за конкретни области во коишто ќе се интензивира соработката помеѓу Македонија и Косово- економијата, енергетиката, инфраструктурата, царински олеснувања, поедноставен проток на луѓе и стока. Договорено е владите на Македонија и на Косово да ги поттикнат бизнис заедниците и коморите за поцврста и поактивна соработка, како и реализација на почести средби на високо владино ниво.
