Брисел

Евроинтеграцијата и нелегалната миграција во фокус на средбата Иванов- Туск

25.10.2017 16:33

Евроинтеграцијата на земјава и нелегалната миграција, главни теми на состанокот Иванов- Туск во Брисел. Шефот на државата побарал од првиот човек на Европскиот совет почеток на преговори за членство. Го информирал дека земјава има капацитет за транзит на две илјади мигранти...

Во пресрет на декемврискиот Самит на Европската унија, на која една од главните теми ќе биде и натамошната интеграција на земјите од Западниот Балкан, шефот на македонската држава, Иванов побарал од претседателот на Советот, Туск деблокирање на Македонија и почеток на пристапните преговори.

За актуелната тема со незаконската миграција, претседателот ги посочува новите маршрути на мигрантите преку Бугарија и Романија кон Европа. Веќе 27 месеци македонските безбедносни сили во соработка со европски полицајци ја обезбедуваат границата, вели Иванов. Според претседателот, Македонија е транзитна држава, и не е во состојба да прима мигранти, кога и Полска, Чешка, Словачка, Унгарија веќе одбија тие да бидат распоредени на нивна територија. Затворање на коридорот беше одлука на Брисел, дополнил Иванов.

„Ние 2015-та и 2016-та изградивме став дека Македонија има капацитет само за две илјади мигранти и тоа транзит. И затоа нашите капацитети беа ставени на излез и на влез во капацитет илјада. И нашиот капацитет е само за транзит. Сега зависи од новата Влада како ќе се постави и како ќе успее тој наш изграден став да го одржи. Бидејќи секогаш ќе има притисоци. Голем дел од мигрантите што не можат да добијат азил, некаде ќе треба да се однесат“, нагласи претседателот Иванов.

Хуманитарното право мора да се почитува, но не се однесува на економските мигранти, оценил претседателот. Наспроти европската иднина на земјава, Иванов на средбата со Туск ја изразил загриженоста за состојбите по збиднувањата во Каталонија, раздвиженоста на европјаните за поголеми автономии, како и за заминувањето на Обединетото Кралство од Унијата.

Зоран Богатинов