Заев: Граѓаните на 29-ти со пенкало да ја напишат историската победа

25.10.2017 16:38

Централниот карван на Социјалдемократите е во Новаци, Могила и во Кавадарци, откако ги помина Штип и Злетово. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев очекува поддршка за заокружување на промените. Кандидатот за градоначалник Бочварски вети намалување на давачките.

Штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ ќе биде мотор на знаењето во истокот од земјата. Владата ќе ја гарантира неговата автономија, а стандардот на студентите ќе расте. Ќе вложуваме и во капацитетот на студентските домови. Ова го изјави лидерот на СДСМ – Зоран Заев на митингот во Штип. Најави подобрување на инфраструктурата. Изградбата на автопатот Миладиновци – Штип ќе финишира до септември идната година, рече Заев, а ќе се изградат и експресни патишта кои Штип ќе го поврзат со Радовиш и со Кочани. Ги повика граѓаните на 29-ти масовно да излезат на гласање и со пенкало да ја напишат историската победа, за потоа, како што рече, Штип да прерасне во град со кој сите ќе се гордеат.

Кандидатот за градоначалник на Штип, Благој Бочварски барајќи ја довербата од своите сограѓани им ветува намалување на низа давачки. 50% пониски комуналии за изградба на куќа за млади брачни парови и намалување на сметките за вода и за смет. За највозрасните жители- пензинерски дом и бесплатно лекување во бањата Кежовица. Редовни автобуски линии од градот до околните села и асфалтирање на улиците.

Коалицијата „Живот во Македонија за сите“, оддржа средби и со граѓаните во Злетово. Лидерот Заев ги информираше жителите од овој крај дека Владата подготвува нов закон со кој рударите ќе добијат бенефициран стаж.

Караванот на Коалцијата помина и во Зрновци. За жителите од оваа општина ветување дека во првите две години Владата финансиски ќе помогне за да се отплатат долговите на општината, а преку министерството за транспорт и врски ќе се обезбедат пари за изградба на водовод и канализација. Општината ќе изгради и нови патишта, а старите запустени улици ќе се реновираат целосно.

 

Анита Димитријевска