Касами: Соработката со Алијансата за Албанците ќе донесе големи промени

25.10.2017 16:39

Кандидатот на БЕСА за градоначалник на Тетово, Биљал Касами, поддржан од Алијансата на Албанците на средби со жители. Очекува оваа коалиција да донесе промени и подобар живот. Побара граѓаните да застанат зад неговата програма со проекти за наредните четири години.

Кандидатот за градоначалник и лидер на движењето БЕСА, Биљал Касами заедно со коалицискиот партнер Зијаден Села денес во Тетово остварија средба со албанските интелектуалци, а потоа продолжија на средби со граѓани. Касами говореше за коалицијата со Алијансата. Рече дека оваа соработка ќе донесе големи промени.

„Соработката со Алијансата за Албанците доаѓа од луѓето и е наменета за луѓето. Оваа соработка ќе продолжи и во наредните денови, во сите градови, но, важно е дека ова е само почеток на соработка која ќе донесе промени, што ќе биде добро за албанците. Денеска Албанците дојдоа до ситуација кога една партија како СДСМ со својот претседател доаѓа во албанските општини и ни кажува кој треба да биде градоначалник и кој треба да ги води овие општини, но верувам дека граѓаните и од Чаир и Струга, сфаќаат дека тие се оние кои решаваат и тие ќе решат најдобро кој ќе ги води за четиригодишниот мандат“, изјави Касами.

Касами пред Тетовци ги презентираше и проектите од изборната програма. Рече дека на градот му е потребен урбан развој и хигиена. Вети поддршка за универзитетите во градот и дека ќе работи во служба на сите граѓани.

 

Викторија Милевска