Лидерот на Каталонија под притисок на министрите

26.10.2017 10:49

Предвремени избори за членови на каталонскиот Парламент или прогласување независност, лидерот на Каталонија под притисок на министрите. Владеењето на законот во Каталонија е еден од главните приоритети на официјален Мадрид. Утре се очекува шпанскиот Сенат да го одобри планот на владата во Мадрид да ги укине овластувањата на каталонските власти.

Потпретседателот на Каталонија, Уриол Жункерас предупреди дека мора да прогласат независност бидејќи шпанските власти не им оставиле голем избор. Сепак прецизираше дека зборува само од името на Републиканската левица, една од двете партии во владејачката коалиција, а не во име на регионалната Влада на претседателот Карлес Пуџдемон.

Потезите на Шпанија не им оставаат никаква друга опција на каталонските сепаратисти освен да прогласат нова република. Според нашето сфаќање, имаме демократски мандат за прогласување нова република. Шпанската Влада не ни остави никаква друга опција“, изјави Уриол Жункерас, потпретседател на каталонската Влада.

Лидерот на автономниот регион Карлес Пуџдемон го одби барањето да се обрати во шпанскиот Сенат во врска со планот за прогласување самостојност бидејќи премиерот Маријано Рахој веќе донел конечна одлука за активирање на Член 155 од Уставот. Сенатот, горниот дом на шпанскиот парламент, треба утре да ѝ одобри на шпанската влада преземање на контролата врз каталонските финансии, полицијата, телекомуникациите и регионалните јавни медиуми, и да ја суспендира сегашната каталонска влада. За шест месеци ќе бидат свикани и нови регионални избори. Според Рахој, вонредните мерки се единствениот начин да се избегне и економска пропаст.

„Постои важен приоритет за повторно воведување на законодавството и мирниот соживот во Каталонија, но и за гарантирање на слободата и правата за сите граѓани. Состојбата во Каталонија е сериозна. Пред се, бидејќи владата и парламентот се ставија над законот“, изјави премиерот на Шпанија, Маријано Рахој.

Владата во Мадрид одлучи за прв пат во историјата на демократска Шпанија да го активира Членот 155 од Уставот. Каталонската влада на пленарна седница ќе одлучува како ќе му одговори на Мадрид. Во меѓувреме, градот Белпуџ го направи првиот чекор и прогласи независност од Шпанија.

 

 

Маја Филдишев