Иванов: ЕУ да покаже решителност- Македонија да добие датум за почеток на преговори

26.10.2017 12:30

Европската унија да покаже решителност и Република Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство, порача претседателот Иванов на форумот Кран Монтана. Сите европски стандарди и принципи се усвојуваат додека течат преговорите за членство, посочи шефот на државата.

Одредување датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија, уште еднаш во Брисел побара македонскиот претседател, Ѓорге Иванов. Неопходна ни е вашата решителност, нагласи Иванов, зашто според него, процесот е паралелен. Истовремено течат преговорите за членство, додека земјата ја усвојува и применува европската регулатива.

„Унијата треба да разбере дека процесот на проширување не е чисто техничко, туку пред се политичко и стратегиско прашање. Пораката до Унијата е да посвети поголемо внимание кон истокот и југоистокот на европа. Да го продолжи проширувањето, да инвестира во инфраструктурното и енергетско поврзување, да го отвори просторот. Бидејќи само солидарни можеме да градиме регион и континент на безбедност, мир и благосостојба“, нагласи претседателот Иванов.

Одложувањето на проширувањето на Унијата на Балканот и во Македонија, предизвика комбинација на економска и безбедносна криза, ранливост што овозможува однадвор аспирантите да бидат дестабилизирани. Конкурентноста на регионалниот за настап на глобалниот пазар, е помогната со иницијативата 16+1, рече претседателот.

„Иницијативата 16+1 што им овозможува на државите од Централна, Источна и Југоисточна Европа инфраструктурно да се поврзат, со што се комплетира европскиот проект за слободен проток на луѓе, стоки, услуги и капитал. Но, сето тоа ќе остане незавршено без третиот елемент, а тоа е проширувањето на Унијата“, рече Иванов.

Тој искажа благодарност до некои европски земји за помошта во справувањето со илегалната миграција. Според шефот на македонската држава, ова е пример што ЕУ треба да го прифати и спроведува.

Зоран Богатинов