Пуџдемон: Кризата ќе ескалира ако се преземе контрола врз Каталонија
Лидерот на Каталонија, Пуџдемон со писмо до Сенатот на Шпанија предупреди дека ќе ескалира кризата ако се преземе контролата врз регионот. Попладнево, во Барселона се крои одговорот на мерките од премиерот Рахој. Сенатот утре решава за член 155 од Уставот.

„Директната контрола од централната власт ќе предизвика уште поголема ескалација на кризата“, оцени претседателот на каталонската регионална Влада, Карлес Пуџдемон во писмото до Сенатот на Шпанија. Горниот дом на Парламентот утре ќе се изјасни за одлуката за Членот 155 на Уставот со кој се суспендира Каталонската автономија. За 6 месеци би се распишале и предвремени избори.
Пуџдемон ја одби поканата да ги образложи своите идни планови по референдумот за независност, и попладнево свика седница на која ќе се подготвува одговорот кон воведените мерки. Неговиот заменик Уриол Жункерас смета дека е неопходно да продолжат со постапката за прогласување независност.
„Потезите на Шпанија не им оставаат никаква друга опција на каталонските сепаратисти освен да прогласат нова република. Според нашето сфаќање, имаме демократски мандат за прогласување нова република. Шпанската Влада не ни остави никаква друга опција“, изјави Жункерас.
Политичката криза ја држи во неизвесност и Европската Унија.
„Итно е потребно да се преземат мерки зашто национализмот е отров кој ја спречува Европа да дејствува и да игра важна улога во глобалните прашања. Европа нема улога во конфликтот меѓу Барселона и Мадрид. Шпанците мора да го решат проблемот. Не сакам да видам во иднина Европа од 95 различни земји. Ќе ја загубиме контролата“, вели претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.
Референдумот за самостојност на Каталонија доби поддршка од околу 90% од гласачите, судот во Мадрид го смета за неуставен.
Маја Филдишев
