Касами: Ќе работам во служба на сите граѓани на општина Тетово

26.10.2017 16:06

Кандидатот за градоначалник на Тетово од движењето БЕСА, Биљал Касами, вети урбан развој на градот и повисоко ниво на хигиена. Уверува дека ќе работи во служба на граѓаните и ќе донесе подобро утре за жителите.

Кандидатот за градоначалник на Тетово и лидер на движењето БЕСА, Биљал Касами, ги претстави проектите од изборната програма. Го побара гласот на жителите на градот. Вети урбан развој и хигиена, како и поддршка за универзитетите. За коалицијата со Алијансата на Албанците, рече дека ќе донесе големи промени кон подобро.

„Ова е една соработка која ќе продолжи и во иднина. Оваа коалиција значи почеток на промени за добро на Албанците. Доволно беше владеење коешто во прв план го има личниот интерес, а не доброто на сите граѓани. Како резултат на тоа, денес може да се види во каква ситуација сме доведени. Денеска Албанците дојдоа до ситуација, кога една партија како СДСМ, со својот претседател и заедно со ДУИ доаѓа во Албанските општини, ни кажува кој треба да биде градоначалник и кој треба да ги води овие општини во наредните четири години. Верувам дека граѓаните сфаќаат дека тие се оние кои решаваат. Тие ќе решат кој најдобро ќе ги води во наредните четири години. Ние не сме за ВМРО, ниту за СДСМ. Нам ни се важни интересите на Албанците и ќе работиме за Албанците. Тие што работат за СДСМ, а вчера биле за ВМРО, тие мислат дека и другите се такви. Јас ви ветувам дека ќе работам во служба на сите граѓани на општина Тетово“, изајви кандидатот за градоначалник на Тетово, Касами.

Касами, заедно со коалицискиот партнер Зијадин Села, пред митингот во Тетово имаше средби и со жители на градот.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска