Груевски: СДСМ го почна редефинирањето на Македонија
Карванот на коалицијата „За подобра Македонија“ е во Македонски Брод, Новаци и во Могила, откако се претставија во Виница, Македонска Каменица и во Чешиново-Облешево. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски рече дека во земјава веќе пет месеци нема нови проекти. Кандидатите ветија дека нема да ја изневерат довербата на гласачите.

„СДСМ го почна редефинирањето на Македонија - планот се состои од неколку точки меѓу кои - промена на уставното име, идентитетот на Македонците, договорот со Бугарија, законот за двојазичноста, доселување на мигрантите“, рече лидерот на ВМРО– ДПМНЕ, Никола Груевски пред жителите на Македонска Каменица.
Вели дека политичкиот опонент врши поткуп во секоја куќа и населено место. „Информациите се дека тие потрошиле 20 милиони евра во поткуп на македонските гласачи, но јас ќе им порачам - нема да не скршат“, изјави првиот човек на партијата. Потсети дека во 2006 година кога дошле на власт во Македонска Каменица работеле околу 800 луѓе, а заклучно со 2016 година вработеноста изнесувала 1.800 вработени.
Според него, така треба да се се работи, а не да се продава ветер, магла и живот. „Треба да се обезбедат работа, квалитетен живот, плата како и услови за живеење и развој за семејството. Пред изборите ветуваа 500 евра просечна плата во Македонија, но таа сега се намалува. Ветуваа нови инвестиции, но засега во Македонија не влезе ниту една нова странска инвестиција“, рече Груевски.
Нова пречистителна станица на Каменичка река, и нови водоснабдителни системи во руралните средини, реновирање на училиштето „Свети Кирил и Методиј“ и нова детска градинка, вети кандидатот за градоначалник на Македонска Каменица, од ВМРО-ДПМНЕ.
Коалицијата за подобра Македонија во Чешиново- Облешево ја презентира програма за развој на општината. Ветија дека нема да ги изневерат очекувањата на жителите.
Коалицијата „За подобра Македонија“ го понуди својот концепт за општините за кои вели дека нема да има има неасфалтирани улици, ќе изгради парк во секое маало и во општините Зрновци и Виница.
Игор Панов
