Заев: Завршува времето на локалните шерифи и реваншизмот
Изборниот карван на Социјалдемократите во Јегуновце и во Тетово, откако го одржаа митингот во Кавадарци. Партискиот лидер Заев рече дека општините до крајот на 2020 година ќе добијат над 95 милиони евра. Кандидатот за градоначалник Китев вети чесно и домаќинско работење.

„По 29-ти октомври вртиме нова страница. Завршува времето на локалните шерифи и реваншизмот. Ќе се посветиме да бидеме сервис на граѓаните, да му служиме на народот“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев на митингот во Кавадарци.
Изјави дека ставаат крај на поделбите во државата по сите основи и оти ќе се борат за живот под ова наше македонско сонце. „Да подадеме рака, здружени и сплотени, Кавадарци да биде пример за гордост“- рече првиот човек на Социјалдемократите. Посочи дека од политичарите зависи во кој правец ќе се движат и општините и државата. Вети дека до крајот на 2020-та, локалните самоуправи ќе добијат над 95 милиони евра за рамномерен регионален развој. Заев говореше и за решавањето на отворените прашања.
„Имаме работлив народ кој не се штеди, Тиквешијата е пример за тоа“- рече Заев. Изјави оти треба да се работи вредно и чесно, бидејќи само така калливите улици ќе станат минато, ќе има здрава вода за пиење, канализација во селата. Заев вети дека нема да се укинуваат субвенциите, туку секоја година ќе се зголемуваат. Ако има земјоделецот, ќе ни ја биде државата- рече тој. Вети целосна поддршка од централната власт за развој на Кавадарци.
„Поддршката од народот се купува со чесно, домаќинско и искрено работење, а не со арогантност и со пари“- рече пред своите сограѓани, кандидатот за градоначалник на Кавадарци, Бетиане Китев. Вети нова детска градинка, затворен пазар, надминување на сообраќајниот хаос, нови паркинзи, Младински културен центар, стипендирање на студентите, поддршка на спортот, враќање на реномето на Тиквешкиот Гроздобер. Рече дека политиката ќе ја отстрани и од средното и од основното образование. За сограѓаните роми вети постојана помош и недискриминациија. „Не станува збор за политички кариери, туку за Кавадарци. Само заедно и сплотени ќе направеме промени во градот“- изјави Китев.
Карванот на коалицијата „Живот во Македонија“ беше и на средби со жителите на Могила и Новаци. Заев вети економска перспектива и побара поддршка за развој на овие населени места.
Наташа Гркова- Петрушевска
