Локални избори 2017: Завршува кампањата, почнува молкот

27.10.2017 15:17

Локалните избори ќе се спроведат во 35 општини во кои право на глас имаат 833.710 граѓани. Во вториот круг учествуваат 70 кандидати за градоначалници.

На полноќ завршува изборната кампања пред вториот круг од локалните избори и почнува молкот пред гласањето в недела, 29-ти октомври. Локалните избори ќе се спроведат во 35 општини во кои право на глас имаат 833.710 граѓани. Во вториот круг учествуваат 70 кандидати за градоначалници.

Државната изборна комисија (ДИК) го дистрибуира доверливиот избирачки материјал до Општинските комисии. ДИК информира и дека граѓаните кои се запишани во Избирачкиот список, а на кои рокот на важност на документот за лична идентификација им истекува меѓу двата изборни круга, можат да гласаат единствено со важечка лична карта или патна исправа, и треба да се извади нов документ.

МВР најави дека сите Одделенија за управни работи ќе работат и во деновите од викендот. Барањата в сабота ќе се примаат до 16 часот и 30 минути, а в недела ќе се издаваат лични карти од 7 до 19 часот.

ДИК соопшти дека на 10 Општински изборни комисии во локални самоуправи со блокирани сметки им префрлила вкупно 538 илјади денари за организирање на вториот круг од локалните избори в недела. Со овие средства треба да бидат покриени трошоците за активностите на комисиите и одборите на денот на гласањето. Сите трошења на крајот, во финансискиот извештај, треба да бидат покриени со соодветна документација, соопшти ДИК.

За вториот круг од локалните избори, што ќе се одржи на 29-ти октомври, Државната изборна комисија акредитираше 5.101 домашен и 473 странски набљудувачи, како и 20 странски новинари. Од странските, најголем број набљудувачи има мисијата на ОБСЕ/ОДИХР 289, потоа Амбасадата на САД во Македонија- 35, Делегацијата на ЕУ- 23, Меѓународниот студиски центар за избори- 18. Од домашните, најголем број набљудувачи има МОСТ 2.917.

На денот на одржување на вториот круг од локалните избори, сите седум канцеларии на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип, од седум до 19 часот ќе бидат отворени за граѓаните, со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните права, соопшти Народниот правобранител.