Барселона

Се бара прогласување „Република Каталонија“

27.10.2017 15:20

Шпанските медиуми пренесуваат дека пред почетокот на вонредната седница пред каталонскиот Парламент почнале да се собираат луѓе, и дека дел од нив извикуваат „Независност“ и „Слобода“.

Каталонските партии кои се залагаат за независност поднесоа барање до регионалниот Парламент да прогласи „Република Каталонија“. Не е познато дали за тоа барање ќе се разговара на денешната седница. Шпанските медиуми пренесуваат дека пред почетокот на вонредната седница пред каталонскиот Парламент почнале да се собираат луѓе, и дека дел од нив извикуваат „Независност“ и „Слобода“.

„Што очекувам? Не знам што очекувам, но се надевам дека ќе се прогласи независност за можеме да продолжиме да живееме во мир. Го заслужуваме тоа“.

„Сѐ што сакаме се права за сите. Без оглед на тоа дали сте за или против независноста, нашата состојба се влошува од ден на ден“.

Во шпанскиот сенат, пак, продолжува дебатата за активирање на членот 155 од шпанскиот Устав кој би довел до воведување принудна управа на Мадрид над Каталонија. Шпанскиот премиер Маријано Рахој наведе дека она што се случува во Каталонија претставува јасно кршење на законот, демократијата, правата на сите и дека тоа ќе има последици. Исто така истакна дека ако се усвојат мерките, првиот потег на шпанската влада ќе биде смена на лидерот Карлес Пуџдемон.

„Првото нешто што го предложи Владата е поврзано со целта да се одржат избори во Кататонија. За да го стори тоа, ако Сенатот реши така, моќта за распуштање на Парламентот на Каталонија ќе премине на претседателот на Владата на Шпанија кој мора да распише избори во рок од најмногу шест месеци. Ви кажувам дека мојата волја е да ги прославам што е можно поскоро“, изјави премиерот на Шапнија, Маријано Рахој.

Пуџдемон ја отфрли опцијата за распишување предвремени регионални  избори бидејќи не добил доволно гаранции од централната влада на Шпанија дека тој потег ќе го запре воведувањето директна контрола на Мадрид над Каталонија.

Марина Ристова