Масовно труење во Гостивар

27.10.2017 16:02

Повеќе од 400 Гостиварци со болки во стомакот и дијареа. Првичните анализи покажуваат дека не е труење од храна. Водата дополнително се испитува...

Стомачни тегоби, температура, повраќање и дијареа- со овие симптоми повеќе од 400 Гостиварци изминатите денови побарале лекарска помош. Само во текот на ноќта се примени 60 пациенти. Повеќето од нив се пуштени на домашно лекување, без сериозни последици од труењето.

Надлежните го испитуваат случајот. Првичните анализи покажуваат дека храната не е причинел. Од Центарот за јавно здравје велат дека и мострите земени од водата за пиење покажале дека е безбедна.

Директорот на Гостиварската болница вели дека иако анализите на водата се негативни, сепак побарал дополнителни испитувања.

Во Гостивар се земени и нови мостри од водата за дополнителни испитувања. Резултатите ќе бидат готови за неколку дена. Дотогаш лекарите препорачуваат граѓаните да внимаваат на хигиената и да пијат флаширана вода.

 

Андријана Атанасовска