Заев: Само заедно обединети можеме да им служиме на граѓаните
Карванот на коалицијата „Живот во Македонија“ ја финишира кампањата во Чаир и во Гази Баба откако одржа митинзи во Тетово, Јегуновце и во Струга. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев побара сплотеност за подобра иднина. Вети поддршка од централната власт за реализирање на проектите на локално ниво.

Единството и сплотеноста немаат алтернатива. Само заедно обединети, без поделби и со разбирање можеме да им служиме на граѓаните. Ова го изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев на митингот во Тетово. Го повика своето членство на изборите в недела да го поддржи кандидатот за градоначалник од редовите на ДУИ - Теута Арифи.
Обезбедното мнозинство во советот ќе биде силна гаранција дека ќе се реализираат капиталните проекти, а Тетово ќе прерасне во модерна европска општина- рече Заев. До 2020-тата година со проектот за рамномерен регионален развој - 95 милиони евра ќе се вбризгаат во општините со цел да се обезбеди нивен стабилен развој, изјави партискиот лидер. За овој град најави изградба на детски градинки, основни и средни училишта, како и реконструирање на постојните, дотрајани објекти. Со поддршка од централната власт, вели Заев - Тетово ќе ја развива индустриската зона, ќе се инвестира во инфраструктурата и во изградба на фабрики со кои ќе се отворат нови работни места.
Пораката за соживот, лидерот на Социјалдемократите им ја пренесе и на жителите од селото Шемшево во општината Јагуновце. Ја побара нивната поддршка за кандидатот за градоначалник Дарко Блажевски. Вети дека владата ќе и помогне на општината да се справи со најгорливите проблеми – изградба на канализациска мрежа и обезбедување пивка вода за сите граѓани. Парите, како што рече Заев ќе се обезбедат со помош на европските инвестициски банки. Ќе се работи и на регионално поврзување на општината. Ќе се гради патот Јагуновце – Желино во должина од 17 километри. Целта е, како што појасни партискиот лидер, полошкиот регион да се отвори за прием на странски инвестиции и со тоа да се обезбедат повеќе вработувања за младите луѓе. Преку бизнис инкубаторите, рече Заев, државата ќе им дава на младите луѓе по 10 илјади евра за да отпочнат сопствен бизнис.
Коалицијата „Живот во Македонија за сите“ се сретна и со симпатизерите во Струга, каде ја побара нивната поддршка за кандидатот на ДУИ Рамиз Мерко.
Анита Димитријевска
