Локални избори 2017: СДСМ со најмногу освоени општини
СДСМ го доби Скопје и уште 56 општини. ДУИ победи во десет, ВМРО-ДПМНЕ во пет, Алијансата во три, БЕСА, ДПА и Демократската партијата на Турците со по една локална самоуправа, три во рацете на независни кандидати. Тече рокот за жалби...

Резултатите од двата изборни круга донесоа промени во локалната власт во Македонија. Со градоначалничката функција во 81 општина ќе раководат шест жени и 75 мажи. Според првичните резултати од Државната изборна комисија, кандидатите на СДСМ победија во 56 општини, на ВМРО-ДПМНЕ во пет, Демократската унија за интеграција ќе раководи со 10 општини, Алијансата за Албанците со три, по еден градоначалник освоија БЕСА, ДПА и Демократската партија на Турците. Три општини добија градоначалници предолжени од група избирачи.
Во првиот изборен круг коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ победи во 37 општини меѓу кои: Скопје, Битола, Велес, Гевгелија, Делчево, Дојран, Кочани, Крушево, Куманово, Охрид, Прилеп, Ресен, Струмица, а во вториот круг нивните кандидати освоија 19 општини.
Кандидатите за градоначалници од коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ победи во пет општини: Илинден, Петровец, Сопиште, Зрновци и Кавадарци.
Демократската унија за интеграција победи во 10 општини. Во првиот круг ги освоија Кичево и Пласница, a во вториот победија во Чаир, Тетово, Сарај, Дебар, Долнени, Липково, Теарце и Струга.
Алијансата за Албанците освои три градоначалнички места и тоа сите во вториот изборен круг. Градоначалниците на оваа партија ќе раководат со општините Гостивар, Боговиње и Врапчиште.
БЕСА победи во во Желино, ДПА во студеничани, кандидатот на Демократската партија на Турците победи во Центар Жупа, а Ранковце, Чучер Сандево и Брвеница ќе ги раководат независни кандидати.
Претседателот на Државна изборна комисија, Александар Чичаковски оцени дека изборите минале во фер и демократска атмосфера.
Тече рокот од 48 часа во кој партиите можат да поднесат приговори до Државната изборна комисија за текот на гласањето и за резултатите од вториот круг. Комисијата, пак е должна да донесе одлука во рок од 48 часа по приемот на приговорот.
Против одлуката на Комисијата може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Судот пак, одлуката ја носи во рок од 48 часа, која е конечна.
Викторија Милевска
