За СДСМ и ДУИ изборите фер и демократски, ВМРО-ДПМНЕ, Алијансата и БЕСА не ги признаваат резултатите

30.10.2017 12:51

ВМРО-ДПМНЕ не ги признава локалните избори. Лидерот на партијата Груевски ги оцени како најнедемократски, со притисоци, уцени и закани. Побара предвремени парламентарни избори. Имавме фер, демократски, кредибилни и кристално чисти избори, возврати лидерот на СДСМ, Заев. Вели дека ако има предвремени парламентарни избори, победникот се знае, но како што рече, сега пред Македонија стои многу работа. ДУИ се прогласи за победник, БЕСА и Алијансата не ги признаваат резултатите.

За СДСМ и ДУИ, фер и демократски избори, ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците не ги признават реултатите. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски изјави дека ова биле најнедемократските избори во Македонија поради низа уцени и притисоци и побара предвремени парламентарни спроведени од техничка влада. Оставка од првите луѓе на Агенцијата за медиуми и Државната изборна комисија, истрага и вештачење на уредите за прислушкување во УБК, завршување на судскиот процес „Поткуп“, основање Специјално јавно обвинителство за расчистување на изборните нерегуларности и ослободување на луѓето инволвирани во Собраниските настани.

Изборите беа демократски и кредибилни и ја одразуваат вистинската слика за волјата на граѓаните, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Повика ВМРО-ДПМНЕ да го преиспита ставот за непризнавање на локалните избори бидејќи пред Македонија претстои многу работа.

И Ахмети, како и неговиот коалициски партнер од власта, изборите ги оцени како фер и слободни. „Бидејќи сме големи, и таму каде што изгубивме ќе помагаме“, рече лидерот на ДУИ.

Според БЕСА, победата на ДУИ е резултат на коалицијата со СДСМ. Побараа предвремени парламентарни избори. Изборните резултати не ги призна ни Алијансата за Албанците.

Партиите најавија приговори за нерегуларности во изборниот процес.

 

Миле Ристески