Шпанија ги спроведува мерките за преземање на директна контрола врз Каталонија
Шпанија почнува да ги спроведува мерките за преземање на директна контрола врз Каталонија поради прогласената независност на регионот. Покрај разрешувањето на претседателот на владата, се менуваат и 150 министри, иако дел од нив ветија дека ќе продолжат да работат. На првиот работен ден по едностраното прогласување на независноста на Каталонија, Пуџдемон пристигна на работа во регионалната Влада. Затворска казна им се заканува и ним, но и на Пуџдемон.

Шпанскиот министер за надворешни работи Алфонсо Дастис ја исклучува независноста на Каталонија, но не и пошироката автономија. Разрешувањето на регионалниот лидер Карлес Пуџдемон не му го одзема правото за учество на предвремените избори. Дастис ги предупреди заговорниците за независност и бојкот на гласањето дека процесот ќе биде спроведен според законот, а резултатите ќе мора да се почитуваат.
„Каталонија и сега е еден од регионите со најголеми овластувања, не само во Шпанија, туку и во светот. Не знам каква ќе биде активноста на правосудниот систем до 21 декември. Доколку не биде в затвор, Пуџдемон ќе може да се кандидира на изборите“, изјави Алфонсо Дастис, министер за надворешни работи на Шпанија.
Белгискиот државен секретар за азил и миграција Тео Франкен изјави дека неговата земја може да му понуди политички азил на Пуџдемон. Франкен е лидер на националистите од „Новата фламанска алијанса“ која покажуваше сепаратистички амбиции за северниот белгиски реон Фландрија, а сега е и поддржувач на каталонското движење за независност.
„Во минатото им дававме азил на Баскијците. Белгија им е позната, а ситуацијата во Каталонија ескалираше до тој степен што мислам дека е логично многу Каталонци да поднесат барање за азил кај нас. Законот им го дозволува тоа“, вели Тео Франкен • министер за азил и миграција на Белгија.
Премиерот на Белгија Шарл Мишел предупреди да не се долева масло во огнот, потенцирајќи дека дијалогот е решението за конфликтот меѓу Мадрид и Барселона.
Според професорот Филипе де Брујкер, специјалист во европското законодавство за миграција, процесот не е едноставен.
„Според протоколот, европскиот граѓанин кој аплицира за азил не се смета за прифатлив зашто земјите на Европската Унија се безбедни и не гонат луѓе. Ако Белгија реши да разгледува барање, мора веднаш да го предупреди Европскиот совет, а тоа ќе биде важна политичка одлука со сериозни последици“, изјави Филипе Де Брукјер, универзитетски професор во Белгија.
Официјален Брисел е за обединета Шпанија и потенцира дека проблемот мора да се решава на домашен терен.
Маја Филдишев
