Текстилна индустрија

Ист придонес за нето плата од 12.000 до 18.000 денари

30.10.2017 15:26

За да се зголемат платите на вработените во текстилните компании и да се стимулираат попродуктивните работници, Здружението на текстилната индустрија бара од Владата да се плаќаат исти придонеси за исплатени нето плати од 12 до 18 илјади денари во период од три години. Велат дека на овој начин ќе се стимулираат компаниите да ги зголемат платите за 6 до 10 проценти.

За да можат да се зголемат платите на попродуктивните работници за 6% до 10%, Здружението на текстилната индустрија бара од Владата, во период од три години да се плаќаат исти придонеси за исплатени нето плати од 12.000 до 18.000 денари. Законот за зголемувањето на минималецот е практично неприменлив, а од поднесените барања за субвенција за 8 илјади работници, УЈП одобрила само за 6.000 работници, иако се очекувало со законот да бидат опфатени 130 илјади работници со плата помала од 12.000 денари.

„Што би добиле со едно вакво решение? Би добиле можност за покачување на платите на подобрите работници, би ја искорениле исплатата во кеш, во готово. Затоа што главната причина, главната мотивација на работодавачите кои плаќаат плати во кеш, кое е многу големо во Македонија, скоро 17% од вработените. Ќе нема работодавачот никаков мотив да плаќа во кеш“, изјави Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилна индустрија.

Практично придонесите би се замрзнале на ниво од 5.130 денари без оглед на износот на платата до ниво од 18 илјади денари. Моделот бил веќе применет во некои држави, ќе се направат анализи и за него ќе се раговара со Владата, најави Димитров. Би важел само за текстилната и за кожарската индустрија, кои се финансиски најпогодени со зголемувањето на минималецот. Текстилните фабрики вработуваат околу 36 илјади работници и за 8 месеци годинава реализирале извоз вреден 380 милиони долари.

„Македонските текстилни компании сѐ уште се интересни за странските партнери пред сѐ поради близината на европскиот пазар и малите серии со високиот квалитет и солидна цена, со која ги изработуваат“, изјави Сашо Деспотоски, Стопанска комора на Македонија.

Поволната економска состојба во ЕУ, пред сѐ во Германија, овозможува компаниите да ги продолжуваат договорите и да ги задржат најзначајните партнери од западно-европските земји, велат од најголемата асоцијација на текстилната индустрија во земјава.

Свето Николовски