Апелација решава за пасошот на Груевски

Одбраната на Груевски тврди- не постои опасност од бегство

30.10.2017 16:01

Во скопска Апелација јавна седница по жалбата на екс-премиерот Никола Груевски кој бара да му се врати одземениот пасош. Неговата одбрана тврди – не постои опасност од бегство...

Под слични околности пред две години, судот донесе одлука во корист на тогаш  обвинетиот лидер на опозицијата и му го врати пасошот, а подоцна му ја укина и мерката на претпазливост редовно да се јавува во судот. Со овој аргумент, адвокатите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски побараа од советот на скопска Апелација да му го врати пасошот на нивниот клиент. Тврдат дека нема да бега, а пасошот му е потребен за да се сретне со унгарскиот премиер, Виктор Орбан.

Обвинителката од СЈО бара овој аргумент да не се вреднува, затоа што како што вели, во случајот „Кампања“, во кој беше обвинет исто така лидер на партија, за слично кривично дело му бил определен притвор.

Одбраната побара советот на Апелацискиот суд да донесе законита одлука и да му го врати пасошот на обвинетиот Никола Груевски. Обвинителството пак побара жалбата да биде одбиена.

Пасошот на Груевски е одземен како превентивна мерка во случајот „Титаник“ каде е обвинет за изборни нерегуларности. Евентуалното враќање на пасошот, според обвинителството може да доведе до одлагање на судските рочишта и одолговлекување на постапката во која се обвинети освен Груевски уште 20 лица.  

 

Анита Димитријевска