МОСТ: Граѓаните можеа слободно да гласаат, процесот во фер и демократска атмосфера

30.10.2017 16:05

Граѓанската асоцијација МОСТ со оценка за вториот круг. Оттаму велат – граѓаните можеле слободно да гласаат, процесот се одвивал во фер и демократска атмосфера. Регистрирано е групно и семејно гласање, како и фотографирање ливчиња. Со свои видувања и невладината Цивил...

Гласањето во вториот круг од локалните избори се спроведе во фер и демократска атмосфера. Граѓаните слободно можеа да го дадат својот глас - оценка на граѓанската асоцијација МОСТ. Набљудувачите најчесто јавувале за случаи на семејно гласање, фотографирање гласачки ливчиња, но, од МОСТ тврдат дека имало помалку неправилности споредено со првиот изборен круг.

„И овој пат бевме сведоци на брза и ефикасна реакција на институциите во текот на гласањето во однос на забележаните неправилности во и надвор од гласачките места. Во овој изборен круг, исто така, беа отстранети техничките предизвици при спроведувањето на гласањето кои беа забележани во првиот круг“, изјави Дарко Алексов, граѓанска асоцијација МОСТ.

Во Македонија имаше слободни, фер и демократски избори- велат од невладината организација Цивил. И тие забележале одредени неправилности. Дел од граѓаните не можеле да го остварат своето право на глас.

Од Цивил велат дека потфрлила и изборната администрација, особено во делот со избирачкиот список.  

 

Андријана Атанасовска