Апелација ќе решава дали прислушуваните разговори се доказ за случајот „Тендери“
Претходно, од одбраната беше прифатен предлогот, тие да не бидат доказен материјал, со што не беше преиначено решението на Кривичниот суд во Скопје.

Апелациски суд- Скопје на јавна седница треба да одлучи дали прислушуваните разговори во предметот „Тендери“ можат да станат дел од доказната постапка. Претходно, од одбраната беше прифатен предлогот, тие да не бидат доказен материјал, со што не беше преиначено решението на Кривичниот суд во Скопје.
Советот за оценка на обвинителен акт на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, на 27-ми септември годинава ги одби т.н. „бомби“ како доказ во случаите „Тендери“, „Топлик“ и „Тортура“.
Во случајот „Тендери“ обвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“. Во „Топлик“ осомничени се шест лица од Министерството за транспорт и врски за изградба на „Сончев град“, а „Тортура“ се однесува на апсењето на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски.
Снимите од пислушуваните разговори досега се прифатени како докази во предметот „Триста“ во кој обвинет е поранешниот помошник-министер во МВР Ѓоко Поповски и за „Насилство во Центар“ во кој обвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, а се отфрлени за „Титаник“, „Тенк“, „Тифани“ и „Тревник“.
