Вонредна седница на шпанската Влада поради заминувањето на Пуџдемон во Белгија

31.10.2017 12:48

Шпанската влада попладневно со нова вонредна средба поради неочекуваното заминување на Пуџдемон во Белгија. Во Брисел најави прес-конференција, а веќе ангажирал и адвокат. Со Пуџдемон се и неколку каталонски министри...

Белгискиот адвокат Пол Бекаерт потврди дека е правен застапник на разрешениот каталонски лидер Карлес Пуџдемон којшто побегна во Брисел, заедно со неколку негови министри. Белгија е една од малкуте земји- членки на Европската Унија кои им даваат можност за барање на политички азил на државјани од другите земји во блокот. Процесот за одобрување на ваква заштита е сложен бидејќи барателот мора да докаже дека е жртва на прогон во систем кој по дефиниција е демократски.

„Пуџдемон ме ангажираше поради долгогодишното искуство со екстрадиција и азил. 20- 30 години сум бил во одбраната на многу Баскијци, и други политички бегалци. Мислам дека тој дојде во Белгија зашто е центарот на Европската Унија. Второ, тука е законски, има право да биде овде“, изјави адвокатот Пол Бекаерт.

Шпанското правосудство го сомничи за неколку престапи. Му се заканува затворска казна и до 30 години.

„Обвинителството поднесе неколку обвиненија за организирање на бунт, агитирање и проневера против челникот на каталонската регионална влада, за нивните постапки и одлуки во изминатиот период. Предизвикаа институционална криза која резултираше со еднострано прогласување на независност. Тоа е направено со непочитување и игнорирање на нашиот Утав“, изјави Хозе Мануел Маза, државен обвинител на Шпанија.

Шпанската влада потврди дека доколку не биде в затвор, Пуџдемон може да се кандидира на предвремените избори на 21-ви декември кои се дел од мерките на официјален Мадрид поради прогласувањето на независност од  Каталонија.  Според блиски извори на Пуџдемон, тој би можел да формира т.н. каталонска влада во егзил.

Во Каталонија, Шпанската цивилна гарда, паравоената формација со полициски задолженија, изврши рација во канцелариите на регионалната  полиција во потрага по информации со референдумот.

А, народот останува на улиците. Граѓаните формираат човечки кули кои го симболизираат духот на градот и заедништвото со кои, според нив, може да се извојуваат големи победи.

 

Маја Филдишев