„Дуинг бизнис“: Македонија на 11-то место во групата најдобри држави за водење бизнис

31.10.2017 14:41

Македонија е рангирана на 11-то место во најновиот извештај на „Дуинг бизнис“. Ова е пад за едно место од минатогодишниот извештај, кога Македонија беше на 10-то место во групата најдобри држави за водење бизнис во светот...

Македонија е рангирана на 11-то место во најновиот извештај на Светска банка „Дуинг бизнис“ 2018-та. Ова е пад од еднa позиција во однос на минатата година, кога Македонија се најде меѓу десетте најдобри држави во водење бизнис во светот.

„Она што го видовме во Македонија оваа година е дека немаше реформи што се мерат од „Дуинг бизнис“. Во основа, немаше ниту едни позначајни промени на индикаторите што ги мериме во проектот. Во минатото Македонија беше многу активен реформатор. На пример,  сега е 16-годишнина од проектот „Дуинг бизнис“ и ги разгледувавме сите години. Во изминатите години, Македонија спровела вкупно 41 реформа што се неопходни за бизнис. Но, ова е прва година кога нема ниту една реформа. Постои потреба од подобрување на индикаторите и се надеваме дека Македонија нема да ги напушти реформите“, изјави за МТВ Валентина Салтане од Светската банка во Вашингтон.

Во најновиот извештај „Дуинг бизнис“, Македонија е на 4-то место за заштитата на помалите инвеститори и на 12-то место за добивање кредит, што е подобрување од минатогодишниот извештај. Послабо е оценета за добивање градежни дозволи, на 26-то место, и почнување на бизнис на 22-то место.

„Се надеваме дека македонија ќе ги продолжи реформите иако оваа година помина без реформи. Се надеваме дека идната година Македонија ќе спроведе реформи особено во областа на снабдување со електрична енергија, регистрирање на имот и спроведување договори. На пример, за регистрација на имот во Македонија се потребни 7 процедури, додека во економски најразвиените држави во просек се потребни најмногу до 4 процедури“, вели Салтане.

Извештајот „Дуинг бизнис“ влијае врз одлуките на идните инвеститори во државите што се оценуваат. Во најновиот извештај, Македонија сѐ уште е една од најдобро рангираните држави во Европа. Има промена и на првото место, сега Нов Зеланд е пред Сингапур.

 

Ирина Гелевска