Пуџдемон не бара политички азил во Белгија
Разрешениот каталонски лидер Карлес Пуџдемон не бара политички азил во Белгија. На пресконференцијата во Брисел, го обвини Мадрид за угнетување и насилство кон каталонците. Шпанската влада попладневно со нова вонредна средба поради неочекуваното заминување на Пуџдемон и неколку каталонски министри во Брисел...

Разрешениот лидер на Каталонија, Карлес Пуџдемон нема да бара политички азил во Белгија, каде што побегна заедно со пет министри, откако шпанската влада, револитрана од регионалниот референдум за независност, за прв пат во историјата на демократска Шпанија, го активираше Член 155 за преземање на контролата и блокирање на автономијата. Пуџдемон го обвини официјален Мадрид за насилство и угнетување, нагласувајќи дека бил принуден да бара слобода и безбедност во друга земја.
„Не сум овде за да барам политички азил. Во Брисел дојдов зашто е престолнината на Европа. Каталонија не го прифаќа Членот 155, тој ќе го уништи регионот. Министрите работат за да го спречат Мадрид да ги растури каталонските институции. Видовме агресија и насилство кон милиони луѓе кои го остварија своето гласачко право. Со насилство не може да градите република. Наш приоритет се дијалогот и мирот. Обвиненијата против мене се чист пример за екстремна репресија. Се уште комуницирам со владата на Каталонија. И одовде ќе работиме заедно да ги оствариме нашите цели“, рече Пуџдемон.
Шпанското правосудство го сомничи за неколку престапи. Му се заканува затворска казна и до 30 години.
„Обвинителството поднесе неколку обвиненија за организирање на бунт, агитирање и проневера против челникот на каталонската регионална влада, за нивните постапки и одлуки во изминатиот период. Предизвикаа институционална криза која резултираше со еднострано прогласување на независност. Тоа е направено со непочитување и игнорирање на нашиот устав“, изјави Хозе Мануел Маза, државен обвинител на Шпанија.
Шпанската влада потврди дека доколку не биде в затвор, Пуџдемон може да се кандидира на предвремените избори на 21 декември. Негови блиски извори тврдат дека би можел да формира т.н. влада во егзил.
Во Каталонија, народот останува на улиците. Граѓаните формираат човечки кули кои го симболизираат духот на градот и заедништвото со кои, според нив, може да се извојуваат големи победи.
Маја Филдишев
