Иванов: Македонија го запре миграцискиот бран
Почитувањето на различноста го овозможува соживотот во Македонија. Земјата ѝ помогна на Европа и го запре миграцискиот бран во 2015-та година. За ова говореше претседателот на Република Македонија, Иванов во универзитетот Оксфорд. Шефот на македонската држава утре има работни средби со спикерите на двата дома на Вестминстер...

Помирувањето, толеранцијата, почитување на различностите и глобалната миграција - беа централните теми на кои се осврна предесдателот Ѓорге Иванов пред студентите на Оксфордскиот универзитет во Лондон.
„Тоа е обврска на вашата генерација, бидејќи вие сте генерација што живее глобално, секој ден сте во контакт со други култури, други религии. Сфатете дека другиот не сака да биде толериран, туку сака да биде почитуван“, истакна претседателот Иванов, посочувајќи го македонскиот модел на соживот.
Говорејќи за глобалните предизвици со кои се соочува светот, Иванов се осврна на состојбите отсликани во постдемократијата, посткапитализмот и постнационалната држава, како и за прашањето на миграциите што го нарече „современ номадизам“.
„Низ Македонија поминаа милион мигранти во 2015 година. Ние колку што можевме им помагавме на тие луѓе. Но, кога мигрантскиот бран почнаа да го користат терористи, екстремисти, да го користат луѓе кои дојдоа во Европа и ги направија терористичките акти кои почнаа од Париз, ние ја затворивме границата и кажавме дека право на азил имаат бегалци, а не економски мигранти“, рече претседателот Иванов.
Иванов резимираше дека на прагот на третиот милениум, моќта од државата мигрира кон заедниците, а светот е сè повеќе меѓусебно дигитално поврзан.
Во рамки на работната посета на Лондон, претседателот Иванов ќе оствари средба со спикерот на Долниот дом на британскиот Парламент, Џон Беркау и со спикерот на Горниот дом на британскиот Парламент, Лорд Фаулер.
Македонскиот претседател ќе има обраќање во Кралскиот институт за меѓународни односи „Чатам хаус“ на тема: „Македонија, миграциите и безбедноста: научени лекции“.
Марина Стојанова- Тонева
