За банките стечајот е единствена опција за „Фени“, синдикалците не се откажуваат

31.10.2017 15:54

Стечајот е единствена опција кавадаречки „Фени“ да опстане и да се најде вистински инвеститор- вели првиот човек на Комерцијална, Хари Костов, една од трите банки кои ја иницираа постапката. Синдикалците не се откажуваат. Порачуваат дека ќе ги заштитат правата на работниците. Веќе е назначен привремен стечаен управник...

Синдикатот на кавадаречки „Фени“ не се согласува со одлуката за отворање стечај за Комбинатот. Велат, ќе ги штитат интересите на вработените. Протестот го ставаат во мирување, машините ќе ги одржуваат во кондиција.

Од Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството, велат дека очекуваат до 13-ти ноември да се најде решение.

Според директорот на Комерцијална банка, Хари Костов и една од банките кои ја иницираа постапката, стечајот е единственото решение за „Фени“, за да се реструктурира компанијата, да се најде сериозен инвеститор и да продолжи економската активност.

Поддршка за опстојување на „Фени“ дава и бизнис-заедницата. Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, вели дека е важно индустриските капацитетите и извозниците да опстојат на пазарот и да се поддржат кога ќе западнат во проблеми.

За привремен стечаен управник на „Фени“ е назначен Мирослав Анастасиевски од Гостивар. Предлогот го поднесоа Комерцијална банка, Стопанска банка- Скопје и Силк Роуд банка како најголеми доверители кои имаат побарувања од 40 милиони евра. Уште 20 милиони „Фени“ должи кон други доверители.

Компанијата има 850 вработени кои сега стравуваат за нивните работни места. Од Владата рекоа дека се бара најдоброто решение.

 

Дијана Ценевска