Доделени 39 стипендии од фондацијата „Трајче Мукаетов“

31.10.2017 16:23

Претседателот на Фондацијата и генерален директор на „Алкалоид АД“ Скопје, Живко Мукаетов, рече дека заклучно со овие стипендии досега Фондацијата има стипендирано 418 студенти од кои 159 ги завршиле студиите по фармација, а 129 ги завршиле студиите по медицина...

Триесет и девет стипендии додели фондацијата „Трајче Мукаетов“ на студенти од Медицинскиот и од Фармацевтскиот факултет. Еднократна парична награда од 1.200 евра е доделена на првенците на генерациите на двата факултета, Александра Зафировска, Душко Шалабалија и Невенка Ридова.

Претседателот на Фондацијата и генерален директор на „Алкалоид АД“ Скопје, Живко Мукаетов, рече дека заклучно со овие стипендии досега Фондацијата има стипендирано 418 студенти од кои 159 ги завршиле студиите по фармација, а 129 ги завршиле студиите по медицина. Посочи дека заклучно со денеска 63 од дипломираните студенти веќе работат во компанијата „Алкалоид“.

Тоа за мене претставува една посебна гордост, затоа што тоа е еден континуитет од помагање на нивното студирање, па до денешен нивен придонес во работењето на компанијата. За мене е многу важно што ние потврдуваме дека сме компанија која е општествено одговорна, се грижи за развојот на општеството, се труди да биде една додадена вредност и да помогне секаде онаму каде што може, додаде Мукаетов.

Ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“- Скопје, Никола Јанкуловски истакна дека наградувањето секогаш претставува еден важен стимул за оние кои го добиваат и има влијание врз квалитетот на едукацијата, која претставува многу важен чекор во образованието на студентите.