Oсум загинати, 11 повредени во терористички напад на Менхетн
Дваесет и девет годишниот возач беше застрелан од полицијата откако удри со камионетот во училишен автобус и излезе од него вооружен со воздушна пушка и пушка за пејнтбол.

Возач на камионет уби осум луѓе и рани 11, вчера попладне во Њујорк возејќи со голема брзина по велосипедска патека на Менхетн. Меѓу загинатите се петмина Аргентинци и Белгијка, a тројца Белгијци се повредени во нападот. Висок полициски функционер за Си-Ен-Ен изјави дека во камионетот била пронајдена порака, напишана на англиски јазик во која се наведува дека нападот е извршен во името на „Исламска држава“.
Градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио го оквалификува нападот како „подмолен терористички акт“.
Дваесет и девет годишниот возач беше застрелан од полицијата откако удри со камионетот во училишен автобус и излезе од него вооружен со воздушна пушка и пушка за пејнтбол. Две деца и двајца возрасни што биле во автобусот се повредени.
Шефот на противпожарната служба соопшти дека од 11-те повредени ниту еден не е во животна опасност. Очевидци изјавиле на полицијата дека напаѓачот извикувал „Алах акбар“ (Господ е голем) излегувајќи од камионетот. Полицијата стрелала кон него и го погодила во стомак и потоа веднаш го уапсила. Напаѓачот е надвор од животна опасност.
Началникот на полицијата изјави на прес-конференција дека истражителите го оквалификувале нападот како „терористички акт“.
Гувернерот на државата Њујорк, Ендрју Куомо нагласи дека осомничениот најверојатно дејствувал сам. Засега нема докази дека нападот е дел од поширок план, изјави Куомо.
Мажот е идентификуван како Сајфуло Саипов од Узбекистан, кој во САД влегол во 2010 година.
